Со одлука на косовскиот министер Красниќи разрешен Управувачкиот тим за изработка на статутот на ЗСО

– Косовскиот министер за локална самоуправа, Ељберт Красниќи, денеска донесе одлука за разрешување на Управувачкиот тим за изработка на Статутот на Заедницата на српски општини (ЗСО).

Управувачкиот тим за изготвување на Статутот на Заедницата на српски општини (ЗСО) на вчерашната средба меѓу косовскиот премиер Аљбин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го презентираше нацрт-статутот, кој, според косовските власти, е во спротивност со договорот од 2013 година, одлуката на Уставниот суд и Уставот на Косово.

„По вчерашната презентација во Брисел на нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство, според надлежностите што му се дадени на Управувачкиот  тим во Брисел со договорите од 2013 и 2015 година, овој тим сега и самиот е без статус“, напиша Красниќи на Фејсбук.

Во Управувачкиот тим членуваа Данијела Вујичич, Јелена Боловиќ, Игор Каламар и Дејан Радојковиќ.

По синоќешната средба косовскиот премиер изјави дека нацрт-статутот презентиран од Управувачкиот тим е суштински некомпатибилен со Уставот на Косово.

-Изразив став дека таков нацрт, тоа што го слушнавме и прочитавме, е суштински некомпатибилно со уставноста, законитоста, човековите права, европските вредности, малцинските права според европските стандарди, и покрај тоа ќе бидеме заинтересирани да најдеме решение, изјави Курти во Брисел.

Тој додаде дека на средбата предложил нацрт-визија во однос на членот 7 од основниот договор, имајќи го предвид членот 10 како треба да бидат вредностите и принципите, рамката која го регулира прашањето за немнозинските или малцинските заедници.