Со сезонска ски карта од Ресорт Маврово може да се скија низ поранешна Југославија

Со купена ски карта во Ресорт Маврово може да се ужива и во убавините и услугите на „Олимпискиот центар Јахорина”, Босна и Херцеговина, откако претставниците на двата скијачки центри потпишаа Договор за меѓусебна соработка.

Ова значи дека секој што ќе купи ски карта од Ресорт Маврово, бесплатно, може да скија два дена во “Олимписки центар Јахорина”. Покрај договорот со овој центар, „Ресорт Маврово” вакви договори склучи и со други ски центри во регионот за зимската сезона 2023/24. Скијачите кои купиле сезонската карта за „Ресорт Маврово” може да скијаат три последователни дена во скијачките центри на „Скијалишта Србије” – Копаоник, Златибор и Стара Планина, „Олимпискиот Центар Бјелашница и Игман” и центарoт Колашин 1600 на „Скијалишта Црнa Горе”. Од друга страна, Олимпискиот центар Јахорина ги обнови договорите за соработка со Скијалиштата на Црна Гора, на Словенија и на Романија. Ресорт Маврово жали дека со Попова Шапка не потпиша ваков договор.