Спасовски за Фокус: Рано е да разговараме дали би бил кандидат за претседател или лидер на СДСМ

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој е и член на Централниот одбор на владејачката СДСМ во интервју за неделникот „Фокус“ вели дека се уште е рано да се разговара дали би бил иден кандидат за претседател на државата на претстојните избори, а на прашањето дали се гледа како иден претседател на партијата вели дека тоа се претпоставени прашања. Сепак тој во интервјуто не ги исклучува двете можности.

Дали се гледате како евентуален иден претседател на државата или претседател на партијата, со оглед на тоа што некои анкети покажуваат дека имате најголема доверба меѓу министрите.

За мене е важно од првиот момент кога станав министер, носител на функција на извршната власт, да ги оствариме очекувањата на граѓаните, а тоа значи да ги јакнеме институциите.Така што за мене врвен приоритет е до крајот на мандатот да ги реализираме задачите што сме ги поставиле пред нас. Во однос на политичката дебата, што е тоа што треба да направиме во иднина – тие политички дебати ќе ги разговараме во рамките на партијата.

Би прифатиле ли да бидете кандидат за претседател?

Сѐ уште е рано да разговараме на оваа тема, тоа ќе дојде во моментот кога ќе се разговара во рамките на партијата. Сега сум насочен на активностите во Министерството и во Владата.

Се гледате ли како иден лидер на СДСМ?

Тоа се претпоставени прашања на кои можеме да разговараме, но во услови кога имаме состојба за остварување на најважната национална цел – членството во ЕУ, подготовката за избори, за мене е многу важно добро позиционирање на СДСМ, давање добра понуда на граѓаните и, секако, да ја добие довербата целиот тој кампус за проевропска Македонија, кој има јасна визија и со целата сила, со целиот мој капацитет ќе работам на остварување на овие цели.

Комуницирате ли со Заев?

Јас комуницирам со сите во партијата и нема причина да не комуницирам со кој било претседател на СДСМ. Напротив, тие се мои другари, мои соборци и во секој момент сум тука за сѐ, и за партијата, и за сите нив лично.