Спасовски: Откривачката активност за вкупниот криминалитет бележи зголемување за 11%

–  Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во СВР Велес ја продолжи серијата посети на Секторите за внатрешни работи низ државата во рамки на проектот на Министерството за внатрешни работи насловен „Отворен кабинет“, како дел од концептот „МВР за ГРАЃАНИТЕ“.

-Преку овој проект сакам лично и непосредно да ги слушнам мислењата на граѓаните, како полицијата да придонесе за поголемо спокојство на секој поединец, бидејќи ние сме тука токму за граѓаните, да се грижиме за нивната безбедност”, истакна Спасовски во изјава за медиумите пред објектот на СВР Велес.

Тој информираше дека остварил работна средба со раководството на овој сектор, од кој беше запознаен со безбедносната состојба на подрачјето на СВР Велес, состојбите со криминалитетот, како и активностите кои ги преземаат полициските службеници во насока на намалување на стапката на криминалитет во приоритетните области, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел – подигнување на безбедноста на подрачјето на секторот и заштита на граѓаните.

-Согласно презентираните показатели, безбедносната состојба на ова  подрачје е поволна, што е особено важно за локалната заедница, но и во рамки на генералната безбедносна оценка за државата.  Вкупниот криминалитет на подрачјето на СВР Велес во изминатите девет месеци од 2023 година, споредбено со истиот период претходната година, бележи намалување за 3%. Откривачката активност, кога зборуваме за вкупниот криминалитет, бележи зголемување за 11% во првите девет месеци од оваа година споредбено со истиот период лани.  Во делот на тешките кражби, во текот на 2023 година имаме намалување на овој вид пријавени кривични дела за 28%, споредбено со истиот период 2022 година, а намалување за 57% бележиме и во делот на економскиот криминал. Покрај ова, за 17% се намалени прекршоците во 2023 година во делот на јавниот ред и мир компаративно со деветте месеци од 2022 година. Исто така, во однос на безбедноста на сообраќајот, со задоволство можам да констатирам дека  евидентирано е намалување за 3% на сообраќајните несреќи со потешки последици, а само во првите 9 месеци од оваа година реализирани се 783 превентивни активности на различни теми на подрачјето на СВР Велес, информираше министерот Спасовски.

Тој вели дека и во наредниот период на ова подрачје ќе продолжи зголемената динамика, како на превентивните активности, така и на репресивните мерки, а средбите со граѓаните во рамки на „Отворен Кабинет“ ќе бидат мотив повеќе за уште подобри резултати.

Министерот Спасовски информираше дека посетата на СВР Велес попладнево ќе ја искористи заедно со раководство на овој Сектор да направат увид на активностите што ги вршат полициските службеници на терен.