“СРБИЈА Е ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛ НА УКРАИНА!“ – Ана Брнабиќ со храбра порака на Самитот на Кримската Платформа: “Целосно го почитуваме вашиот територијален интегритет“

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, учествувајќи преку Интернет на Самитот на Кримската Платформа, изјави дека – „Србија не е вредносно неутрална“ и дека – „целосно ги почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, објавија во четвртокот белградските медиуми.

Кримската Платформа е меѓународна дипломатска иницијатива за консултации и координација, формирана од страна на Украина, и ги обединува украинските владини претставници и меѓународни експерти чиј фокус се критериумите за реинтеграција на Крим, откако Русија го анектираше украинскиот полуостров во 2014 година.

Ана Брнабиќ истакнала дека Србија жали за страдањата што ги претрпе Украина и нејзиниот народ, пренесуваат соседните медиуми.

Ние ќе продолжиме да посветуваме посебно внимание на хуманитарната ситуација во Украина и ќе и пружаме помош, за што сведочи нашата одлука да донираме стоки и лекови за ублажување на хуманитарните страдања“, вели Ана Брнабиќ.

Србија е вистински пријател на Украина“, нагласила таа.

Ана Брнабиќ ја истакнала подготвеноста на Србија да учествува во повоената обнова на Украина и да ја поддржи нејзината европска интеграција, пренесувајќи ги нејзините искуства.

Нејзиното учество на Самитот на Кримската Платформа уследи по овонеделната средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и српскиот претседател Александар Вучиќ на регионален состанок во Атина.

Александар Вучиќ, оценувајќи го разговорот како „искрен, отворен, пријателски и конструктивен“, посочи дека Србија го почитува територијалниот интегритет на Украина и кажа дека е убеден дека нема да има промена во позицијата на Украина во однос на територијалниот интегритет на Косово, чија независност Украина не ја признала.

И Украина сака да има правно чиста ситуација“, изјави Александар Вучиќ за новинарите во Атина по средбата со Володимир Зеленски.

Србија потпиша декларации на ОН за осуда на руската инвазија на таа земја, но одбива да се приклучи на меѓународните санкции против Русија.

Во април оваа година, на панелот на конференцијата на Bloomberg во Даблин, Ана Брнабиќ исто така истакна дека Србија не е неутрална во однос на војната во Украина и дека јасно ја осудува руската инвазија.

Таа додаде дека луѓето во Србија се лути што истиот принцип на почитување на територијалниот интегритет и суверенитет во меѓународната заедница не се применува кога станува збор за Косово, за кое Србија смета дека е нејзина територија според одредбите на државниот устав и не ја признава нејзината независност, која беше еднострано прогласена од Приштина во 2008 година.