Србија од полноќ под блокада држи четири автобуси со 300 државјани на Косово на преминот Батровци

 – Првиот секретар на Канцеларијата за врски на Косово во Белград, Фатмир Хаџоли, објави дека граничните органи на Србија на преминот Батровци од полноќ држат под блокада најмалку четири автобуси со околу 300 патници, државјани на Косово.

Хаџоли на социјалната мрежа Фејсбук објави дека „Во знак на освета и апсурдна нервоза поради гласањето на Парламентарното собрание на Советот на Европа за членство на Република Косово во оваа меѓународна институција, граничните органи на Србија на преминот Батровци меѓу Србија и Хрватска, од полноќ држат под блокада најмалку четири автобуси со патници, државјани на Косово“.

Тој оцени дека блокирањето на преку 300 граѓани, задржувањето на нивните патни исправи, претставува флагрантно кршење не само на Бриселскиот договор, туку и на универзалните човекови права гарантирани со сите меѓународни конвенции.

Хаџоли објави дека само најавторитарните режими ги блокираат патниците од други земји, со образложение: „Ова е наредба од Белград“.

Бидејќи Канцеларијата за врски на Србија не комуницира со косовската канцеларија, како што тоа било случај утринава, Хаџоли побарал и чека блиска придружба за да отпатува на преминот Батровци за да биде со своите сограѓани и во знак на протест поради ваквиот развој на настаните.

Министерството за надворешни работи и дијаспора и Министерството за внатрешни работи објавија дека по настанатата ситуација на граничните премини во Србија и самоволното запирање на граѓаните на Косово на граничните премини, сите сонародници и граѓани кои се во движење, би требало да ги избегнуваат премините низ Србија, по секоја цена.

Двете министерства ги преземаат неопходните активности и известување на граѓаните за новите детали, се истакнува во соопштението објавено на Фејсбук.

Се молат сите патници внимателно да ја следат напнатата безбедносна ситуација и да не патуваат низ Србија.