Србија ќе заработи 250.000 евра од гостувањето во Русија, специјални покани за Ѓоковиќ и Биковиќ

– Потпретседателот на Фудбалската федерација на Србија (ФСС), Бранислав Недимовиќ, изјави денеска дека мартовското гостување на српската репрезентација во Москва нема врска со политиката.

Србија на 21 март на „ВТБ Арена“ во Москва ќе одигра пријателски натпревар против руската фудбалска репрезентација, која од февруари 2022 година е под меѓународни санкции.

„Пред нас е гостување во Москва и тоа што за мене е неразбирливо е дека за овој натпревар се зборува секаде само не во Русија и Србија. Да се разбереме, ние добивме согласност и од ФИФА и од УЕФА“, изјави Недимовиќ за официјалниот сајт на ФСС.

Недимовиќ додаде оти постојат три крупни причини поради кои, како што рече, натпреварот со Русија е позитивна работа за ФСС.

„Прво, станува збор за квалитетна репрезентација и нашите момчиња ќе имаат можност да видат до каде се во формата пред Европското првенство. Второ, ФСС ќе инкасира 250.000 евра. И трето, руската Федерација ќе ги покрие комплетните трошоци што секако не е занемарлив податок. Го одбравме стадионот на Динамо за кој претседателот на нивната федерација вели дека е најубавиот во Русија, ги поканија и Новак Ѓоковиќ и Милош Биковиќ како специјални гости и сето тоа доволно говори колку нè ценат и колкаво значење придаваат на претстојниот натпревар“, рече Недимовиќ.