Средба Ковачевски – Руте: Македонија направи многу, треба да го направи последниот чекор на патот кон ЕУ
Македонија стигна многу далеку во процесот и мора да го направи последниот чекор, за што побрзо членство во ЕУ, порача премиерот на Холандија, Марк Руте на средбата со претседателот на Владата Димитар Ковачевски што денеска се одржа во Гранада, Шпанија во рамките на Самитот на Европската политичка заедница.
Руте изрази благодарност кон премиерот Ковачевски за поддршката и усогласеноста на земјава со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и поддршката за Украина. Воедно се заблагодари што сме стриктни во примената на визната политика.
На средбата беше истакната поддршката на Холандија која е меѓу нашите најголеми билатерални донатори и во континуитет помага во реформите на повеќе сфери, како почитување на човековите права, демократија, владеење на правото, реформи во судството, јавната администрација, заштита на маргинализираните групи во општеството.
Премиерот Ковачевски изрази благодарност до Холандија за заложбите во градењето на независни институции кои се столб на секоја европска демократија.
Двајцата премиери разменија мислења околу евроинтеграциите, а објективниот пристап на Холандија во оценувањето на критериумите за пристапување на нашата држава во Унијата создава дополнителен импулс за давање резултати и ја потврдува посветеноста на Владата на реформската агенда за побрзо членство во Европската Унија.