Вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи на Република Бугарија Иван Демерџиев со придружна делегација, утре, ќе престојува во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во рамки на која ќе се сретне со неговиот колега, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Како што соопшти МВР, изјави од министрите не се предвидени, а на крајот од официјалната средба ќе биде објавено соопштение за медиумите.
Посетата на Дерменџиев беше најавена во петокот, по телефонскиот разговор на премиерите на Бугарија и на Северна Македонија, Галаб Донев и Димитар Ковачевски, посветен на актуелните случувања во односите меѓу двете земји. Прес-службите на двете Влади соопштија дека двајцата премиери разговарале за потребата претстојните празнувања на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, да се одвиваат мирно и непречено.
Во таа насока, за утре, беше најавена посетата на вршителот на должноста вицепремиер и министер за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев и претседателот на државната агенција „Национална безбедност“ Пламен Тончев, кои ќе имаат работна средба со своите македонски колеги во Скопје на која ќе ги прецизираат заедничките активности за да се гарантира мирно и безбедно одбележување на 4 февруари.