Столтенберг: Важно е НАТО да го зголеми присуството на Косово

Во Брисел утринава почна состанокот на министрите за одбрана на НАТО, на кој ќе се разговара за голем број важни прашања, меѓу кои војната меѓу Русија и Украина и ситуацијата на Косово.

Со состанокот во седиштето на Алијансата претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој на новинарите им се обрати на влезот во зградата заедно со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој без претходна најава пристигна на министерскиот состанок.

„Вашето лидерство, храброста на украинските воени сили и решителноста на украинскиот народ продолжуваат да не импресионираат и инспирираат сите нас, а ние ќе бидеме со вас за да ја поддржиме Украина бидејќи тоа е важно за целиот НАТО. Министрите за одбрана на НАТО денеска ќе разговараат и утре. Секако ќе разговараме и за Украина. Ќе се состане и Контакт групата за одбрана на Украина каде ќе мобилизираме поддршка и ќе ја координираме нашата воена поддршка за Украина. Ќе има и состанок на Советот НАТО-Украина, кој беше воспоставен за дополнително да ги зајакне нашите односи и да и помогне на Украина да се придвижи кон членство во НАТО, рече Столтенберг.

Тој посочи дека утре ќе се разговара за повеќе важни прашања, меѓу кои и присуството на силите на НАТО на Косово.

„Утре ќе разговараме за прашањата за одвраќање и одбрана. Ќе разговараме и за мисиите и операциите на НАТО, вклучувајќи го и нашето присуство на Косово. Видовме растечки тензии таму и важно е НАТО да го зголеми своето присуство на Косово“, рече Столтенберг.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази благодарност до Столтенберг за неговата поддршка.

„Бевте во Киев пред две недели. Мислам дека тоа беше многу важен состанок. Разговаравме за поддршката на Украина и како да ја надминеме претстојната зима. Ова е еден од најголемите предизвици за нас. Се подготвуваме и сега ни треба поддршката на овие лидери и затоа ние сме денес овде. Ќе разговараме за приоритетите и како да ја истераме Русија од нашата територија. Важно е да знаете дека не сте сами. Единството е многу важно“, рече Зеленски, нагласувајќи ја важноста на системот за воздушна одбрана.

Столтенберг повтори дека се сретнале во Брисел за да мобилизираат уште поголема поддршка за Украина.

„Станува збор за системот за против-воздушна одбрана, артилерија, муниција. Ги поздравувам најавите што ги слушнавме пред неколку дена од Романија и Германија, а очекуваме и другите сојузници на НАТО да објават поголема поддршка за Украина бидејќи треба да обезбедиме поддршка. Воздушно-одбранбениот систем е критичен за заштита на градовите, економијата и клучната инфраструктура на Украина“, рече Столтенберг и додаде: „Путин се подготвува да ја искористи зимата како оружје за војна, напаѓајќи го енергетскиот систем и гасната инфраструктура. Тоа мора да го спречиме со напредни и зголемени способности“.

Во среда ќе се одржи првиот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, а воведниот говор ќе го има американскиот министер за одбрана Лојд Остин.

За попладневните часови е планиран состанок на Советот НАТО-Украина на седницата на министрите за одбрана со учество на министерот за одбрана на Шведска, Пол Јонсон.

На крајот на денот ќе се одржи прес-конференција на генералниот секретар на НАТО.

Во четврток средбата ќе започне со кратки говори на генералниот секретар на НАТО и на американскиот секретар за одбрана.

Потоа ќе се одржи состанок на Северноатлантскиот совет во рамките на седницата на министрите за одбрана на која ќе учествува и министерот за одбрана на Шведска.

Кон крајот на денот е предвидена прес-конференција на генералниот секретар на НАТО.