СТРАШНА ТАЈНА ПРИКРИВАНА СО ДЕЦЕНИИ: Насилно стерилизирани повеќе од 16.000 луѓе, меѓу кои и деца

По Втората светска војна, Јапонија стерилизирала 25.000 луѓе, од кои 16.500 насилно, во согласност со законот за евгеника. Меѓу стерилизираните има и две деветгодишни деца, покажа извештајот на Владата на Јапонија.

Законот за евгеника во Јапонија беше укинат дури во 1990-тите, а целта на овој закон е, како што тогаш опишаа, подобрување на човечкиот вид. Со негова помош „инфериорните луѓе“ треба да се спречат да имаат деца (негативна евгеника) и да се поттикнат „супериорните“ да се размножуваат што е можно повеќе (позитивна евгеника).

Терминот потекнува од два грчки збора (eu и genos), што во буквален превод би значело „добри гени“.

Извештајот за јапонскиот закон за евгеника направен на 1.400 станици, врз основа на владина истрага што започна во 2020 година, детализира како меѓу 1948 и 1996 година, околу 16.500 луѓе биле оперирани без нивна согласност, од вкупно 25.000 луѓе кои биле подложени на овој процес.

Многу од нив имале физички или когнитивни пречки или ментални болести, а повеќето од жртвите биле жени.

Што им кажуваа на луѓето пред операциите?

На некои луѓе им било кажано да подлежат на рутински процедури како што е апендектомија, се наведува во извештајот. Локалните власти во тоа време имаа моќ произволно да ја доделат операцијата.

Осумдесетгодишната жртва, која на 14-годишна возраст била принудена на операција, за локалните медиуми изјавила дека извештајот е доказ дека владата ги измамила децата.

„Би сакала државата да не го прикрива ова прашање, туку сериозно да го сфати нашето страдање“, рече жртвата, која сакаше да биде позната само како Сабуро Кита.

Критичарите на извештајот велат дека тој не кажува зошто биле потребни речиси 50 години за да се укине законот, ниту пак ја објаснува причината за создавањето на законот.

Резултатите од извештајот предизвикаа бес на социјалните мрежи. Еден корисник на Твитер рече дека е болно да се дознае дека децата на возраст од девет години биле стерилизирани.

Друг ја критикуваше владата дека е премногу бавна во укинување на законот за евгеника, истовремено изразувајќи надеж дека Токио исто така ќе ги разгледа законите што ги ограничуваат правата на жените и ЛГБТК луѓето .

Жртвите добија отштета

Токио им се извини на жртвите во 2019 година и се согласи на секој преживеан да му плати 28.600 долари.

Во тоа време, премиерот Шинзо Абе во официјалното извинување рече дека законот за евгеника предизвикал „големо страдање“ на жртвите.

Законот, инаку, е широко признат како темно поглавје во повоеното закрепнување на Јапонија и беше укинат во 1996 година.

Некои од земјите кои имаа политика на присилна стерилизација се Германија, Шведска и САД. Тие исто така се извинија и им исплатија отштета на преживеаните жртви.