Судот во Колорадо забрани Трамп да биде на гласачкото ливче за изборите 2024

– Врховниот суд во американската сојузна држава Колорадо донесе пресуда со која Доналд Трамп се дисквалификува да ја извршува функцијата претседател според таканаречената клаузула за бунт во американскиот Устав, и не може да фигурира на гласачкото ливче во државата за изборите во 2024 година.

„Мнозинството од судот смета дека претседателот Трамп е дисквалификуван да ја извршува функцијата претседател според Секцијата 3 од четиринаесеттиот амандман на Уставот на Соединетите Американски Држави“, вели судот во пресудата, и додава: „бидејќи е дисквалификуван, тоа би било погрешен акт според Изборниот законик секретарот да го стави како кандидат на прелиминарните гласачки ливчиња за претседателските избори.“

Судот со оваа одлука ја поништи пресудата на понискиот суд. Но, Врховниот суд на САД би можел да го има последниот збор.

Судот истакна дека пресудата ќе остане со цел да се одржи „статус кво“ во очекувањето на ревизија од страна на Врховниот суд на САД и од државниот секретар на Колорадо, Џена Грисволд.

Секцијата 3 од 14-тиот амандман забранува на секој кој претходно положил заклетва за јавна функција, а „се вклучил во бунт или немири“ против САД, да извршува одредена јавна функција.

Со оваа одлука, Врховниот суд во Колорадо стана првиот суд што ја примени клаузулата за дисквалификација од 14-тиот амандман за Трамп пред претседателските избори во 2024 година.

Портпаролот на кампањата на Трамп, Стивен Чеунг, рече дека брзо ќе поднесе жалба до Врховниот суд на САД, нарекувајќи ја пресудата „крајно недемократска“.

„Имаме целосна доверба дека Врховниот суд на САД брзо ќе донесе одлука во наша корист и конечно ќе стави крај на овие неамерикански тужби“, рече Чеунг.

Тужбата беше поднесена од група гласачи од Колорадо кои соработуваа со групата Граѓани за одговорност и етика во Вашингтон, кои тврдеа дека Трамп треба да биде дисквалификуван поради неговата улога во немирите во Капитол на 6 јануари 2021 година.