Телефонски разговор Герапетритис- Фидан, договориле средба на НАТО Самитот

Да одржат средба на маргините на претстојниот НАТО Самит во Литванија, се договориле министрите за надворешни работи на Грција и Турција, Јоргос Герапетритис и Хакан Фидан за време на нивниот телефонски разговор, јави дописничката на МИА од Атина. 

Од грчкото МНР преку Твитер соопштија дека Фидан му се јавил на Герапетритис за да му честита за преземањето на функцијата.

-Министрите разговараа во пријателска клима и се согласија да се сретнат на маргините на Самитот на НАТО во Вилнус, напишаа од Министерството за надворешни работи на Грција.

На НАТО Самитот што на 11 и 12 јули ќе се одржи во Литванија, веројатно е дека ќе има средба и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со оглед на тоа дека двајцата лидери за време на нивниот телефонски разговор во понеделникот, се договориле да се во Вилнус.

Ова ќе биде прва средба на Мицотакис и Ердоган по повеќе од една година и по изборите во двете земји откако грчкиот премиер и турскиот претседател добија нов мандат од граѓаните.