Фон дер Лајен ја предложи Илиана Иванова за нов еврокомесар за култура, образование и спорт

Шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предложи Бугарката Илиана Иванова да ја замени Марија Габриел на функцијата европски комесар за иновации, истражување, култура, образование и спорт.

Поранешната еврокомесарка Марија Габриел сега е потпретседател на новата бугарска Влада и министер за надворешни работи.

Фон дер Лајен соопшти дека интервјуирала двајца кандидати предложени од бугарската Влада – Иванова и Даниел Лорер и дека одлучила да ја предложи Иванова.

Во соопштението се наведува дека и двајцата покажале голема посветеност кон ЕУ и работата на еврокомесарот, како и дека и двајцата имаат соодветно искуство.

Иванова, како што се наведува, има значително искуство во прашањата за ЕУ, со оглед на тоа што беше член на Европскиот суд на ревизори од 2013 година. Пред тоа беше член на Европскиот парламент и потпретседател на комисијата за буџетска контрола.

„Нејзиното искуство е клучно за продолжувањето на спроведувањето на водечката истражувачка програма на ЕУ – Хоризонт Европа“, се вели во соопштението на Европската комисија.

Иванова ќе ја преземе функцијата откако нејзиното именување ќе биде потврдено од Европскиот парламент и Советот.