Тројца мускетари, 3 генерации! Вака Руне го најави мечот со Ѓоковиќ

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ денес во 21 часот ќе го започне учеството на Завршниот Мастерс во Торино (од 12 до 19 ноември) против Холгер Руне, каде што е и фаворит.

Новак Ѓоковиќ ќе ги одмери силите со многу помлади играчи, а покрај Данецот во групата ќе бидат и Јанико Синер и Стефанос Циципас. Доколку ги победи сите, а потоа оствари уште два триумфа во полуфиналето и финалето, српскиот ас ќе биде побогат за 4.801.500 американски долари. Покрај тоа, тој по седми пат во кариерата ќе го освои трофејот на Завршниот Мастерс.

Холгер има скор 2:2 со Новак, а неодамна во неговиот тим се приклучи и Борис Бекер, кој одлично го познава српскиот ас, бидејќи соработуваа со години. Данецот пред овој натпревар објави интересна фотографија на Инстаграм. По пристигнувањето во Торино, Ѓоковиќ разговараше со Руне и неговиот поранешен тренер, а тој остави и саркастичен коментар:

„ Тројца мускетари, три генерации“ , напиша Руне.

Руне вели дека сака да игра со тенисерот број еден во светот.

– Не можете да се надевате дека Ѓоковиќ ќе има лош ден, бидејќи губи веројатно четири до пет натпревари годишно. Единствената желба што може да ја имате е да се обидете да го играте најдобриот тенис, да бидете фокусирани и да го дадете најдоброто од себе. Уживам кога играм против Ѓоковиќ. Неверојатно е да се дели теренот со таква легенда. Секогаш имавме добри натпревари. Последен пат во Париз минатата недела. Морам да учам од тоа и сега да направам нешто малку поразлично за да можам да победам – истакна Руне.