Турција ја осуди одлуката на САД за продолжување на укинувањето на ембаргото за оружје за Јужен Кипар

 Турција денес ја осуди одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за продолжување на укинувањето на ембаргото за оружје на Администрацијата на кипарските Грци до септември 2024 година.

„По одлуката на Соединетите Американски Држави да го укинат ембаргото за оружје за Администрацијата на кипарските Грци во септември 2020 година и продолжувањето на таа одлука во 2022 година, ние го осудуваме тоа што САД сега го продолжија времетраењето на таа одлука за една година од 1 октомври 2023 година“, се вели во соопштението на Министерството.

Турција целосно ја поддржува оправданата реакција на Министерството за надворешни работи на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), се додава во соопштението.

„Би сакале да ја искористиме оваа прилика да потсетиме дека заедно со ТРСК во повеќе наврати укажавме дека различните дестабилизирачки чекори што неодамна ги преземаа САД во регионот на сметка на кипарските Турци ја поткопуваат неутралната позиција на островот Кипар кој оваа земја го одржува долги години, и претставува пречка за постигнување праведно, трајно и одржливо решение на кипарското прашање.“

„Ги повикуваме САД уште еднаш да ги преиспитаат овие политики што ја ставаат во опасност стабилноста на регионот“, се нагласува во соопштението.

Се додава дека Турција како држава-гарант, секогаш ќе продолжува да го обезбедува егзистирањето, безбедноста и мирот на кипарските Турци во рамките на своите историски и правни одговорности.

Кипар е заглавен во повеќедецениски спор меѓу кипарските Грци и кипарските Турци, и покрај серијата дипломатски напори на ОН за постигнување сеопфатно решение.

Турција целосно го поддржува дводржавното решение за Кипар засновано на суверена рамноправност и еднаков меѓународен статус на двете држави на островот.