Украина изврши обид за напад со балистичка ракета во Крим, Ростов и Калуга

– Министерството за одбрана на Русија соопшти дека Украина извршила обид за напад со ракетите С-200 врз Крим, Ростов и Калуга.

Според соопштението на ова Министерство, во извештајот на руската Воздушно-вселенска команда упатен до началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, се вели дека се уништени четири балистички ракети на Украина.

Во ова соопштение се нагласува дека Украина вчера со ракетите С-200 извршила обид да погоди цели во Крим, Ростов и Калуга и дека руските воздушни одбранбени системи го спречиле овој обид за напад.

„Со воздушните одбранбени ракетни системи уништени се две ракети С-200, додека со системите за електронско војување уништени се уште две слични ракети. Нема жртви или штета“, се истакнува во соопштението.

Во соопштението се додава дека Герасимов дал инструкции да се преземат дополнителни мерки, со цел зголемување на заштитата против воздушни напади.