Украина денеска назначи нов главен истражител за борба против корупцијата, завршувајќи го повеќемесечниот процес што внимателно го следеа западните сојузници.
Европската Унија бара од Киев да и даде приоритет на борбата против корупцијата доколку сака да и се придружи и смета дека назначувањето на нов директор на Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) е важен чекор во таа насока.
Во јуни минатата година Украина доби статус на кандидат за членство во ЕУ, четири месеци по почетокот на руската инвазија.
Семен Кривонос, досегашен раководител на Државната инспекција за архитектура и урбанизам е избран за седумгодишен мандат. НАБУ е едно од неколкуте тела формирани во последниве години со цел борба против корупцијата.
– Нашиот тим е посветен на принципот на нулта толеранција кон корупцијата и поддршка на институциите за борба против корупцијата, рече премиерот Денис Шмихал на вонредната владина седница, на која беше потврдено неговото именување.
Украина е рангирана на 116-то место од 180 земји според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнал.
НАБУ иницира истраги за сомнителни случаи на корупција, заедно со Канцеларијата на Специјалното обвинителство за антикорупција, и ги испраќа случаите до Високиот суд за сузбивање корупција.
Агенцијата соопшти дека во втората половина од минатата година издала повеќе официјални заклучоци за сомневање за корупција, дури 149, отколку во цела 2021 или 2020 година.