Украина тврди дека го вратила селото Сторожеве во областа Доњецк

– Украина рано утринава потврди дека ја вратила контролата врз селото Сторожеве во регионот Доњецк, главното жариште во војната меѓу Москва и Киев.

„Националното знаме повторно се вее над Сторожеве и ќе биде исто со секое населено место додека не ја ослободиме целата украинска земја“, се вели во соопштението на Фејсбук од оперативната групација на војници во регионот Таврија.

Заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малиар, вчера тврдеше дека нејзините сили повторно ја презеле контролата врз населбите Блаходатне и Макаривка, исто така лоцирани во регионот на Доњецк.

Руските власти сѐ уште не дадоа коментар за овие тврдења.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во саботата објави дека украинската Армија презема „соодветни контраофанзивни и одбранбени акции“ против Русија на линијата на фронтот.