Унгарскиот премиер ја отфрли можноста за санкции од ЕУ кон Србија

 – Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера ја отфрли можноста за воведување санкции кон Србија по неодамнешните судири меѓу етничките Срби и косовската полиција во северниот дел на Косово.

Во изјавата за новинарите пред неформалниот состанок на лидерите на ЕУ во шпанскиот град Гранада, Орбан рече дека повикот на Косово да се санкционира Србија поради неодамнешните напади во северниот дел на Косово е „смешен“ и „невозможен“.

Тој рече дека „Србија трпела провокации во последните две години, редовно“ и дека Косово треба да го промени своето однесување.

„Провокациите водат кон нестабилност“, рече Орбан, додавајќи дека политиката на ЕУ треба наместо тоа да ѝ помогне на Србија „да го стабилизира регионот“, бидејќи без Белград „нема стабилност на Балканот“.

ЕУ беше критикувана дека е попустлива кон Србија бидејќи применува привремени мерки само против Владата на Косово, и затоа што не презеде чекори за деескалација од јуни.

Косово ја повика меѓународната заедница, особено западните земји, да воведат мерки против Србија поради улогата во судирите што избија на 24 септември во близина на српската граница.

Изјавата е дадена откако министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, во неделата рече дека поседува докази дека Србија се обидувала да го анектира северниот дел на Косово и дека напаѓачите долго време се подготвувале за тоа во воените бази.

На 24 септември, во косовското село Бањска избувна судир кога група вооружени етнички Срби блокираа мост со два камиони. Откако групата отвори оган врз косовската полиција, дојде до престрелка, при што еден полицаец загина, а друг беше повреден.

Тензиите се зголемија во мај по општинските избори во областите со мнозинство етнички Срби, по што НАТО одлучи да распореди уште 700 војници во мировната мисија КФОР, откако 93 негови војници беа повредени.