ФБИ предупредува: Не го полните телефонот на јавни места!

Дали го полните телефонот на јавно место? Време е да престанете. Иако полнењето на батеријата на телефонот на јавно место изгледа примамливо кога проценти се мали, ова може да биде исклучително опасно, па најдобро е да не го правите тоа. Иако од време на време стигнуваат слични предупредувања, ретко кој ги сфаќа сериозно. Меѓутоа, дека опасноста е реална, најдобро говори фактот што најновото предупредување доаѓа директно од американското Федерално истражно биро (ФБИ).
Како што предупредува ФБИ, избегнувајте да го полните телефонот во трговски центри, хотели и аеродроми – злонамерници ги модифицираат каблите и У-Ес-Бе-портовите на јавните станици за полнење за да вметнат вируси или софтвер за надзор на вашиот уред. На овој начин, хакерите можат да преземат контрола над вашиот телефон, да се приклучат на мрежа на бот или дури да испраќаат пораки за кои скапо ќе платите. Исто така, тие можат да пристапат до сите ваши сметки, па дури и до чувствителни банкарски информации.
Покрај локациите наведени од ФБИ, тука би можеле да се додаат и железнички и автобуски станици, туристички атракции, како и кафулиња, бидејќи тоа се многу посетени места, а криминалците ги обожаваат поради големиот број потенцијални жртви.
Ова, се разбира, не значи да избегнувате полнење на батеријата по секоја цена, туку само преку јавно достапни У-Ес-Бе-портови или кабели. Како што вели ФБИ, носете го вашиот У-Ес-Бе-кабел и полнач насекаде и слободно користете штекери за струја, доколку се достапни. Нема пренос на податоци помеѓу штекерот и полначот, така што вашиот телефон е целосно безбеден во овој случај.