Фон дер Лајен: Европската комисија ќе препорача преговори за членство во ЕУ со Босна и Херцеговина

– Европската комисија ќе му препорача на Европскиот совет да ги започне преговорите со Босна и Херцеговина за пристап во ЕУ, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

„Денес ќе одлучиме да му препорачаме на Советот да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина“, рече Урсула фон дер Лајен во Европскиот парламент и додаде дека земјата презела „импресивни чекори“.

Таа рече дека политиката на ЕУ кон Западен Балкан неодамна се сменила.

„Сфативме дека не е доволно да чекаме Западен Балкан да ни пријде. Не е доволно да се каже дека вратата е отворена. Ние, исто така, мора да преземеме одговорност и да обезбедиме дека патот кон ЕУ е можен. Мора да го поддржиме на секој можен начин“, изјави Фон дер Лајен.

Босна и Херцеговина аплицираше за членство во ЕУ во февруари 2016 година и доби статус на кандидат за ЕУ во декември 2022 година.