ФОТО | МАКЕДОНИЈА ГО ДОБИВА ПРВИОТ МАНДАТАР АЛБАНЕЦ – Стево Пендаровски му го врачи мандатот на Талат Џафери за состав на техничката Влада

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денес му го врачи мандатот на Талат Џафери за состав на преодната Влада која ќе функционира до изборот на новата Влада која ќе се формира по парламентарните избори.  

По добивањето на мандатот, Талат Џафери вети дека врз основа на законите и Уставот, преговорите за состав на преодната Влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата.

Со задоволство и потполна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата, со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот, составот на Владата и преговорите за составот на Владата ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата“, порача Талат Џафери.

Тој додаде дека се надева оти ќе креира соодветен состав на Владата со соодветни обврски, надлежности и одговорности кон граѓаните.

Собранието во рамки на 139. седница денеска ги констатираше оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието, Талат Џафери, а во рамки на седницата пратеникот Јован Митрески од СДСМ беше избран за претседател на Собранието. 

Седницата за избор на преодната Влада, чиј состав е веќе познат, треба да биде закажана за во недела, 28. јануари.