ФОТО | Руски новинар убиен на фронтот кај Запорожје – Кремљ ја обвини Украина дека нападнала цивилно возило со ‘забрането оружје’, а се огласи и омилената пропагандистка на Владимир Путин

Воениот дописник на РИА Новости, Ростислав Журављов (34 г.) загина денес во близина на селото Владимировка во Запорожје, Украина.

Според руските медиуми, Ростислав Журављов бил убиен за време на украинското гранатирање со касетни бомби. Веста за смртта на рускиот новинар ја потврди вршителот на должноста прв човек на областа Запорожје, Јевхен Балицки.

Денеска, како резултат на гранатирање на цивилен автомобил, што следеше од градот Васиљевка, Запорожје, до селото Владимировка, загина воениот дописник на РИА Новости, Ростислав Журављов“, напиша Јевхен Балицки во објава на социјалната мрежа Телеграм.

Министерството за одбрана на Русија тврди дека вооружените сили на Украина нападнале група новинари со касетна муниција. Уште четворица медиумски работници се здобиле со повреди со различна тежина во таа прилика и брзо биле префрлени во медицинските установи на терен.

За време на евакуацијата, Ростислав Журављов починал од повреди здобиени при експлозија на касетна муниција“, соопшти РИА Новости.

Фоторепортерот на РИА Новости, Константин Михалчевски е повреден и е хоспитализиран и од Васиљевка е префрлен во Мелитопол, а потоа, доколку неговата состојба дозволува, ќе биде испратен на лекување на Крим“, изјави Олег Крјучков, советник на началникот на полуостровот Крим.

Претходно Константин Михалчевски се здобил со прострелна рана на долните екстремитети.

Олег Крјучков додаде дека министерот за здравство на Крим веќе е во контакт со болницата во Мелитопол.

Ранети се и новинари на други руски медиумски агенции кои работеле како известувачи од терен за ситуацијата на фронтот.

Смртта на Ростислав Журављов ја коментираше и Маргарита Симонјан, главен и одговорен уредник на Russia Today.

Убиен е нашиот воен дописник Ростислав Журављов. Другите момци беа ранети. Касетна муниција. Се сеќаваме на сите и ќе се сеќаваме на сите“ – нагласила Маргарита Симонјан во објава на својот канал на социјалната мрежа Телеграм.

Трагедијата се случила околу 12 часот во атарот на населбата Пјатихатки.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека новинарите на РИА Новости и останатите медиумски агенции подготвуваат извештаи за украинското гранатирање на населени места во регионот Запорожје со касетна муниција.

За потсетување, Украина доби касетна муниција од САД со одлука на американскиот претседател Џо Бајден на почетокот на месецот. Рускиот претседател Владимир Путин тогаш изјави дека Русија има „доволни залихи“ на касетни бомби и кажа дека Москва го задржува правото да ги користи доколку таква муниција се користи против руските сили во Украина.