ФОТО | Славјанка Петровска на средбата со македонските студенти во Брисел: “Младите се двигател на секое општество“

Она што ние сакаме да го постигнеме со младите од нашата држава е не само анимирање и свесност за тоа што значи НАТО и кои се обврските кои произлегуваат од членството, туку да помогнеме да се вклучат во дијалогот за она што денеска е реалност на континентот и за влијанието на гео-политичките случувања врз безбедноста на секоја земја“, кажа министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Како што информираат од Министерството за одбрана, непосредно пред почетокот на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана во Брисел, министерката Петровска се сретна со група на студенти од Северна Македонија кои како прво наградени од конкурсот за есеи престојуваат во студиска посета на седиштето на Алијансата.

На средбата, министерката порачала дека младите се двигател на секое општество и повикала на нивно активно учество во општествената дискусија и во Северна Македонија, и на ниво на Алијансата, на теми кои се од исклучително значење денеска – зацврстувањето на безбедноста, гарантирањето на сигурноста за секој граѓанин, одржувањето на демократијата и демократските вредности.

Петровска изрази задоволство што студентите како автори на најдобро рангираните есеи на Конкурсот кој го организираше Министерството, на тема „Северна Македонија и НАТО во 2030-та“ покажаа дека размислуваат аналитички, дека се запознаени со новите глобални текови и дека имаат и интерес и желба да бидат лидери кои заедно со младите на светско ниво ќе работат за една попросперитетна иднина“, стои во соопштението.

Студентите од Северна Македонија во рамките на тродневната посетата на седиштето на НАТО во Брисел освен со министерката Петровска, денеска имаа средба и со амбасадорот на нашата држава во НАТО, Дане Талески, со помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, како и со неколку програмски директори и политички офицери во Алијансата. 

Тие, исто така, имаа можност во живо да присуствуваат на прес-конференција на Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.