ФОТО | “ТОЈ НЕ Е УБИЕЦ, ТОЈ Е ПАТРИОТ“ – На социјалните мрежи бизарни групи бараат “правда“ за Љупчо Палевски и шират морничави теории на заговор

На социјалните мрежи се формираат бизарни групи преку кои се бара правда за убиецот на Вања Ѓорчевска (14 г.) и Панче Жежовски (74 г.) – Љупчо Палевски – Палчо, кој според сите докази и органите на прогонот е организатор и извршител на двете убиства.

Една од групите на социјалната мрежа Фејсбук е наречена – „Правда за Палчо, правда за Вања, правда за Панче, правда за Македонија“.

Десна се вика партијата што ја основаше Љупчо Палевски, а тој е и нејзин претседател. Бизарната група е формирана вчера наутро. Има неколку објави, главно од креаторот на групата, кого Палчо го опишува како „вистински македонски патриот“.

Љупчо Палевски

Сите што лично го познаваме Палчо знаеме дека е невино обвинет за грозоморното и монструозното убиство на Вања. Знаеме дека, заедно со дел од неговите најблиски соработници им е монтиран случај во кој што ѕверски жртвуваа и детски живот. Дете лишија од младост, од радост што му носи животот, од потомство, од среќа да биде дел од своите најблиски, другари и пријатели… Создадоа непријателско и насилно јавно мислење, креираа потенцијални монструми кои што се подготвени невино обвинетиот Палчо да го растргнат токму како што тоа би го направиле најкрволочните волци. Потенцијалните монструми истото ќе го сторат и со сите познаници и сопартијци на Палчо. Драги Македонци, драги сограѓани, драги пријатели и непријатели, ве молам, оладете ги главите, само така ќе можеме да се избориме за вистината, да ги пронајдеме вистинските монструми кои што ги убија Панчо и Вања. Само така ќе можеме да откриеме кои се идеолозите, организаторите и извршителите на овие грозоморно, ѕверски и политички убиства. Животите на Панчо и Вања се многу скапи и злосторство е за нив да одговаараат невини Македонци“, се вели во објавата од профилот со име Тони Десна кој воедно е и креатор на оваа група.

На профилот на Тони Десна нема објави, но има 349 пријатели. Интересно е што профилот на Љупчо Палевски го нема меѓу нив. Групата, освен што бара правда за Палчо, не го споменува името на ниту еден друг обвинет.