Хаос на грчката граница: Полицијата запрела возило, а во него имало ножеви, фантомки, боксирачи… Навивачите се упатиле кон Атина

Седум Романци вооружени со ножеви, за кои се претпоставува дека се навивачи на романски фудбалски клуб, се уапсени во близина на граничниот премин меѓу Грција и Бугарија.

,,Седум странци се уапсени поради кршење на законот за поседување оружје и оние за професионални и аматерски спортови“, се вели во соопштението на грчката полиција.

Полицијата соопшти дека при претрес на возилото на навивачот на граничниот премин Промахонас открила два ножа, швајцарски нож, маски за лице, боксирач, дрес и шал со лого на странски клуб.

Според полициски извори, станува збор за Романци, навивачи на фудбалски клуб од својата земја, кои имале намера да присуствуваат на вечерашниот натпревар меѓу Олимпијакос и Генк во Атина, од третото коло од квалификациите за Лигата на шампионите.

Според медиумите, навивачите на романскиот клуб имаат братски односи со навивачите на Генк.

Грчката полиција ги засили безбедносните мерки откако еден навивач на атинскиот клуб беше убиен во напад на навивачи на Динамо од Загреб врз приврзаници на АЕК во Атина ноќта меѓу понеделникот и вторникот.

Поради нивното учество во тој инцидент, полицијата уапсила 104 лица, од кои 94 хрватски навивачи.