ХЕМИСКА И ХИРУРШКА КАСТРАЦИЈА: Радикална мерка за силувачите

Парламентот на Мадагаскар усвои закон со кој хемиски, а во некои случаи и хируршки ќе се кастрираат осудените за силување малолетници, што предизвика критики од одредени меѓународни групи за човекови права, но беше поддржано и од активисти во оваа африканска земја кои веруваат дека насилниците треба да се одвратат од силување.

Новиот закон предвидува дека хируршката кастрација „секогаш ќе се изрекува“ за осудениците кои малтретирале деца под 10-годишна возраст.

Случаите на силување на деца од 10 до 13 години ќе се казнуваат со хируршка или хемиска кастрација, додека силување на деца од 14 до 17 години ќе се казнува со хемиска кастрација.

Долниот дом на парламентот на државата Индиски Океан со 28 милиони жители го донесе законот на 2 февруари, а Горниот дом го усвои оваа недела.

Сега тој мора да биде ратификуван во Уставниот суд и потпишан од претседателот Андри Раџоелина, кој прв го покрена ова прашање, а владата предложи промена на законот, пренесе АП.

Министерката за правда Ланди Мболатјана Рандријаманантенасоа рече дека е неопходно да се оди напред поради зголемувањето на бројот на силувања на деца.

Според неа, во 2023 година се евидентирани 600 случаи на силување на малолетници, а само во јануари годинава 133.

– Мадагаскар е суверена земја која има право да ги усогласува своите закони во согласност со околностите и во општиот интерес на народот. Сегашната казна не е доволно силна за да ги спречи сторителите на ваквите злосторства – рече таа.