ХОРОР ВО ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ! 6-годишен ученик донел пиштол и ја ранил неговата професорка во раката и градниот кош за време на час – жртвата бара оштета од 40 милиони долари

Професорката Абигејл Цвернер (25 г.) од американската сојузна држава Вирџинија, која 6-годишен ученик ја застрела во раката и градите, поднесе барање за отштета од 40 милиони долари.

Абигејл Цвернер, наречена Аби, помина две недели во болница откако беше повредена за време на настава на 6. јануари оваа година. Таа бара отштета од училиштето кое го обвинува за невнимание и игнорирање на процедурите за заштита. Младата професорка пред да ја напушти болницата имала четири операции.

Момчето, чие име не е објавено, го донело пиштолот на мајка си во училишна торба во основното училиште во градот Њупорт Њуз, град кој има околу 180.000 жители.

Откако била ранета, професорката ја задржала присебноста и ги одвела другите деца од нејзиното одделение надвор на безбедно пред да повика итна помош и полиција.

По инцидентот, управата на училиштето одлучила да постави детектори за метал на влезот на училиштето во кое учат 550 ученици.

Момчето не беше обвинето, а ниту неговите родители за овој настан.