Царинска управа почна кампања за сузбивање на корупцијата

Царинската управа започнува кампања за зголемување на свеста за опасностите кои ги носи корупцијата со цел граѓаните или вработените кои ќе бидат сведоци на корупција или сомнителна активност тоа да го пријават.

Во рамки на кампањата „Стоп за корупцијата“, од 9-ти до 17-ти август на граничните премини ќе се делат брошури преку коишто јавноста ќе може да се информира за начините за пријавување корупција, како и за штетните последици што ги предизвикува истата.

„Пријави на 197, отворена линија на Царинската управа. Корупцијата е двонасочна – и давање и примање мито е криминал. Поткопување на националната безбедност, даночни загуби и намалување на странските директни инвестиции се само едни од штетните последици што ги предизвикува корупцијата“, се дел од пораките потенцирани во брошурата.

Кампањата за подигнување на јавната свест за пријавување на случаите на корупција, судир на интереси и злоупотреба на службените должности од страна на царинските службеници ќе се спроведува во внатрешните испостави низ државата и на граничните премини Богородица, Ново село, Дојран, Табановце, Делчево, Блаце, Аеродром Скопје и Ќафасан.