Четириесет преживеани во Холокаустот го предводеа маршот со кој им се оддаде почит на жртвите во логорот на смртта Аушвиц-Биркенау

– Четириесет луѓе кои го преживеале Холокаустот денеска го предводеа маршот со кој им се оддаде почит на жртвите во логорот на смртта Аушвиц-Биркенау во градот Освиечим, ден пред 80-годишнината од востанието во Варшавското гето.

Секоја година, илјадници млади Евреи и не-Евреи од целиот свет учествуваат на маршот, кој се организира на местото каде некогаш бил логорот на смртта кој во Полска го отворила нацистичка Германија во Втората светска војна.

Аушвиц-Биркенау е симбол на нацистичкиот геноцид извршен врз шест милиони европски Евреи, од кои еден милион биле убиени во тој логор од 1940 до 1945 година.

Логорот во кој смртно настрадаа околу 80.000 нееврејски Полјаци, 25.000 Роми и 20.000 советски војници, беше ослободен од Црвената армија на 27 јануари 1945 година.

Учесниците пешачеа три километри од кампот Аушвиц до Биркенау.

Во поворката меѓу другите беа и италијанскиот претседател Серџо Матарела и израелскиот министер за образование Јоав Киш.

Варшава утре ја одбележува годишнината од востанието во гетото кое започна на 19 април 1943 година.

Таму ќе бидат и израелскиот и германскиот претседател и ќе го посетат местото на поранешното гето кое беше оградено од нацистичките окупатори на Варшава во 1940 година.

Дури 45.000 Евреи биле таму на три квадратни километри, а повеќето од нив подоцна биле испратени во логори на смртта или убиени во гетото.