Шведска одобри нов пакет воена помош за Украина во вредност од 200 милиони долари

– Шведска одобри нов пакет воена помош за Украина во вредност од 2,2 милијарди шведски круни (200 милиони долари), објавија вчера локалните медиуми.

Пакетот ги вклучува главно многу потребните артилериски гранати, како и резервни делови за тешки оклопни борбени возила ЦВ-90, објави телевизијата СВТ, истакнувајќи дека земјата веќе испратила воена помош во вредност од 1,81 милијарда долари за Украина.

Во средата, на Форумот за безбедност во Варшава, претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, предупреди дека залихите на муниција во Европа се при крај поради големите количества воена помош што одат за Украина.

„Дното на бурето сега се гледа и индустријата треба да го зголеми производството со многу побрзо темпо. Ни требаат големи количини“, рече тој.

Шведскиот министер за одбрана Пал Хонсон објави дека се размислува за трансфер на борбени авиони ЈАС-39 Грипен во Украина.

Тој додаде дека надлежните воени и одбранбени органи ќе бидат задолжени да ја испитаат оваа можност и нејзините потенцијални последици.