Ширин Ебади го повика демократскиот свет да не работи со режимот во Техеран

– Ширин Ебади, иранска адвокатка која ја доби Нобеловата награда за мир, денеска во Европскиот парламент го повика демократскиот свет да не работи со режимот во Техеран.

Ебади е критичар на иранскиот теократски режим во егзил, адвокатка која застапуваше голем број ирански дисиденти, за што беше наградена со Нобеловата награда за мир во 2003 година. Таа денеска зборуваше на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур по повод Меѓународниот ден на жената, кој се одбележа минатата недела.

Таа е голем поддржувач на протестите кои траат во Иран од септември 2022 година, по смртта на Махса Амини во притвор на моралната полиција во Техеран.

Нобеловката смета дека овој „револуционерен процес“ е неповратен, „како воз што нема да застане додека не стигне до својата крајна дестинација“.

Ебади во ЕП рече дека на протестите биле уапсени најмалку 20.000 демонстранти и дека најавата на властите дека ослободила дел од демонстрантите е измама, бидејќи исто толку луѓе потоа биле уапсени.

Таа нагласи дека слободата на изразување во Иран е невозможна со овој режим „и затоа иранскиот народ бара негово заминување“.

„Ние не сакаме теократија во Иран, таа не носи ниту слобода ниту просперитет“, рече таа во седиштето на ЕП, на седницата на која присуствуваа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Таа им порача на европските земји дека „можат да бидат сигурни“ дека воспоставувањето демократија ќе го намали бројот на бегалци. „Емиграцијата во Иран е огромен проблем, луѓето тешко наоѓаат работа, а оние кои ја бараат сè уште живеат во сиромаштија“, посочи Ебади.

Ги повика демократските земји ширум светот да не бидат рамнодушни кон настаните во Иран, да не го игнорираат она што го зборува иранскиот народ и да не потпишуваат трговски договори со режимот во Техеран додека не се подобри ситуацијата.

Таа, исто така, го изрази своето противење на иранската нуклеарна програма.

„Нуклеарната бомба нема да го реши иранскиот проблем, само демократијата може да го реши“, рече Ебади.