ШТО ЗНАЧИ ПОБЕДАТА НА ЕРДОГАН ЗА ТУРЦИЈА А ШТО ЗА ЗАПАДОТ: По 20 години владеење сака да ги влече конците како што му одговара

Турција во неделата го реизбра Реџеп Таип Ердоган за претседател. Во вториот круг од изборите Ердоган освои околу 52 отсто од гласовите.

Турција

Ердоган, кој е на власт повеќе од две децении, сега има уште пет години да ја води Турција, а главното прашање е како неговиот нов мандат ќе влијае на Турција и на Западот.

Како лидер со најдолг стаж во историјата на Република Турција, Ердоган ја консолидираше власта за време на неговиот мандат, воспоставувајќи претседателски систем за себе.

Критичарите велат дека тој ја преместил Турција од нејзините демократски основи кон авторитарно владеење. Тој ги задушуваше антивладините протести и избегна истрага за корупција во неговиот близок круг.

Ердоган ја презеде контролата врз повеќето турски институции и ги остави настрана либералите и критичарите.

Хјуман рајтс воч во својот извештај за 2022 година наведе дека АК партијата на Ердоган со децении го уназадила рекордот за човекови права на Турција, пренесува Еуроњуз.

Реџеп Таип Ердоган е популарен меѓу конзервативните и религиозните гласачи. Тој ги бранеше правата на конзервативните муслимани по децении решителен секуларен режим, дозволувајќи им на жените да носат шамии во јавните згради, како што се универзитетите и владините канцеларии, каде што беа забранети.

Во наредниот период Ердоган би можел да води порадикална политика бидејќи пред изборите го прошири сојузот со исламистичките групи, како Худа Пар и Јениден Рефах.

Неговата влада би можела да биде под притисок од овие партии да води поисламистичка политика.

Економска криза

Треба да се запомни дека овие избори се одржаа во екот на големата економска криза, влошена од разорните земјотреси што ги уништија градовите на југоистокот од земјата во февруари.

Економистите велат дека неортодоксната политика на Ердоган за ниски каматни стапки и покрај зголемените цени ја доведе инфлацијата до 85 отсто минатата година, при што лирата падна на една десетина од вредноста во однос на доларот во изминатата деценија.

Емина Ердоган, Реџеп Таип Ердоган

Аналитичарите предвидуваат дека прв приоритет на Ердоган ќе биде да ја поправи економијата, но не се очекуваат големи промени во економскиот модел пред локалните избори во 2024 година.

„Има многу економски проблеми во Турција. Значи, ова е најслабата точка на режимот на Ердоган“, изјави економистот Арда Тунча за Euronews.

Минатата недела беше објавено дека поделбите во АКП се зголемуваат околу идната економска политика, при што некои бараат алтернатива за контроверзната агенда на Ердоган.

По разорниот земјотрес во февруари, противниците мислеа дека гласачите ќе го казнат за првично бавниот одговор на државата. Но, во првиот круг од гласањето на 14 мај, кој вклучуваше парламентарни избори, АКП излезе на врвот во 10 од 11-те покраини погодени од земјотресот, помагајќи и да обезбеди парламентарно мнозинство заедно со своите сојузници. Ердоган имаше поддршка и во вториот круг во тие провинции.

Иако го користеше национализмот за да ја одржи својата популарност, економската криза веројатно нема брзо да се реши.

Надворешна политика

Поразот на Кемал Киличдароглу, кој вети дека ако победи, ќе ја стави земјата на демократски курс, најверојатно се прослави во Москва. Имено, уште пред да бидат објавени официјалните резултати, Ердоган добил писмо од Владимир Путин, во кое Ердоган го нарекува драг пријател и му ја честита победата.

Од друга страна, неуспехот на Киличдароглу веројатно беше дочекан со тага во западните земји, бидејќи Турција под Ердоган водеше независна надворешна политика и често беше против.

За време на Ердоган, Турција ја намали својата воена моќ на Блискиот Исток и пошироко, создавајќи поблиски врски со Русија. Во меѓувреме, односите со Европската унија и со САД стануваат сè позатегнати.

Тој спроведе дипломатски „акт за балансирање“ откако Русија ја нападна Украина, пркосејќи им на западните санкции против Русија, а истовремено испраќајќи беспилотни летала во Киев.

Експертите сметаат дека Ердоган не сака целосно да ги прекине врските со Западот, но дека секако сака да ги влече конците како што му одговара.

Токму поради тоа се очекува и понатаму да има затегнати и спорни односи со западните земји.

„Турција се одвојува од Западот, иако духовно е членка на НАТО, Турција повеќе не е дел од НАТО“, изјави економистот Арда Тунча.