Шукова: “Очекуваме реална независна проценка на состојбата со природното наследство на Охридското Езеро и препораки за одржливо управување“

Стручниот тим на Министерството за животна средина и просторно планирање предводен од министерката Каја Шукова, денеска остварија средба со претставниците на Секретаријатот на Бернската конвенција во делот на заштита на природното наследство.

На средбата на која присуствуваа и претставници на Конвенција за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење (Рамсарска Конвенција), на УНЕСКО како и претставници од други релевантни државни органи и национални и меѓународни институции и експерти министерката ги презентираше активностите преземени согласно забелешките на Секретаријатот на Бернската конвенција.

На оваа мисија на претставниците од Бернската, Рамсарската и УНЕСКО конвенцијата гледаме како на можност претставници на надворешни неутрални институции врз основа на ставови на различни засегнати страни, како и на теренски посети да дадат реална независна проценка на состојбата со природното наследство на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица – кандидати за Емералд подрачја. Очекуваме дека проценката ќе рефлектира со применливи препораки на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција во однос на утврдување на живеалиштата и дивите видови кои можат да бидат афектуирани од антропогени активности, како и препорака за мерки и активности за намалување на овие влијанија согласно постоечката состојба“ истакна Шукова.

Мисијата предводена од извршниот секретар на Бернската Конвенција, Микаел Путиерс, утре и задутре ја продолжуваат посетата на земјата со средби во претставници на НП „Галичица“, на општините  Охрид и Струга, како и теренска посета на Студенчишко Блато, областа кај Свети Наум и охридското и струшкото крајбрежје.