Шумски пожари на Сицилија: Огнената стихија се прошири до населените подрачја

– Шумските пожари што избувнаа синоќа на јужниот италијански остров Сицилија и продолжија да се шират во текот на ноќта, ги загрозија населените подрачја во некои делови од регионот.

Италијанската новинска агенција АНСА јавува дека пожарот што избувнал во шикара во квартот Бранкачо во градот Палермо предизвикал загриженост, принудувајќи голем број мештани да ги напуштат своите домови.

Во тек се акциите за гаснење, особено во општините во провинцијата Палермо – Алтофонте, Гратери, Џибилроса, Мисилмери, Пиана дели Албанеси, Торета и Прици.

Поради пожарите во Гратери, основните и средните училишта привремено ја прекинаа наставата.

Во гаснењето на пожарите ангажирани се пожарникари и доброволци.

Агенцијата за цивилна заштита на Италија издаде црвено предупредување поради шумските пожари на Сицилија.