Јованка Тренчевска: “Со антикризните мерки повеќе приходи во тек на зимата за ранливите категории“

Со антикризните мерки што се подготвуваат се разговара да има повеќе приходи во текот на зимскиот период особено во семејствата со ранливи категории граѓани, информира денес министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. 

Таа најави дебата со релевантните чинители, граѓанскиот сектор и со стопанските комори, за потребите на граѓаните и на реалниот сектор.

Ќе имаме нов пакет на антикризни мерки. Разговараме и во рамки на Владата и во рамки на министрите од економскиот ресор за се што треба да направивме за граѓаните особено во текот на зимскиот период што доаѓа и како да има повеќе приход особено во семејствата на ранливи категории на граѓани. Секако ќе отвориме дебата со релевантните институции, односно и со граѓанскиот сектор и со стопанските комори за она што треба и кај ранливите граѓани меѓутоа што му треба и на реалниот сектор“, изјави Јованка Тренчевска, на новинарско прашање пред конференцијата „Фемицид во Северна Македонија и Западен Балкан – Меѓународни стандарди и пракса на судовите“, што се одржува денеска во Скопје

По минатонеделната владина одлука за прераспределба на средства во Буџетот со која се предвидени финансии за антикризни мерки, како што истакна таа,  многу бргу во наредниот период ќе имаме предлози коишто ќе поминат на Влада.  Доколку е потребно, посочи, ќе се подготват и законски измени, со цел да спречиме поголема ранливост на граѓаните во пресрет на зимскиот период.  

Mинистерот за финансии Фатмир Бесими минатата недела најави дека Владата набрзо ќе го објави деветиот пакет антикризни мерки, за кои засега има 4,55 милијарди денари. Пакетот, како што најави, ќе биде во насока на полесно справување со предизвиците од ценовната и енергетската криза за граѓаните и компаниите.

Ова значи дека продолжува субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата и парното греење во делот на ЕСМ. Има доволно средства, работиме на деветиот пакет антикризни мерки. Дополнително ќе се оди со таргетирање до крајот на годината, за поддршка на најранливите категории“, изјави Фатмир Бесими.