Џафери-Лапсли: Македонија е вредна членка на Алијансата која е посветена на развивање на своите одбранбени капацитети

Премиерот Талат Џафери вчера попладне се сретна со помошникот генерален секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли, при посетата на Скопје, јавува владиниот прес.

Премиерот Џафери, се вели во соопштението, му посака добредојде на помошникот генерален секретар Лапсли, а воедно го потврди и придонесот на Македонија во НАТО, кој постојано се зајакнува. Постигнувањето на 2,05% од БДП во буџетот за одбрана, од кои 30% се за модернизација на Армијата, е силен показател за овој придонес.

„Истовремено, со учеството во колективната безбедност преку мултинационалните сили на Алијансата во Романија, Бугарија и Латвија, како и во мисијата на НАТО во Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, земјата е позиционирана и како еден од столбовите на регионалната стабилност.

На средбата двете делегации имаа можност да разговараат за Самитот на НАТО во Вашингтон во духот на 75-годишнината од Алијансата, како и за актуелните одбранбени планови, со оглед на глобалната безбедносна ситуација во Европа и светот. И двете делегации ја потврдија поддршката што земјите-членки, вклучително и Македонија, и ја даваат на Украина“, се наведува во соопштението.

Од страна на помошникот генерален секретар, додаде оттаму Лапсли, беше истакнато дека Северна Македонија е вредна членка на Алијансата, со оглед на општиот придонес што го има дадено досега. Алијансата е пообединета и посилна од кога било во својата историја и со членството на Финска и Шведска, НАТО станува гарант за безбедноста на над 1 милијарда граѓани на демократскиот свет.