Џејмс О’Брајан пристигна во Скопје, Маричиќ: Поддршката на САД за Македонија секогаш доаѓа во реално време

Шефот на Секторот за координација на санкции при Стејт департментот на САД и именуваниот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, денеска пристигна во Македонија, по повод учеството на лидерскиот состанок посветен на Планот за раст за Западен Балкан што ќе се одржи во Скопје.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, вицепремиерот Бојан Маричиќ му посака добредојде на О’Брајан, кој му се заблагодари за поддршката што САД и ја даваат на Македонија.


Помошникот државен секретар О’Брајан е дел од Делегацијата на стратешките партнери на државата, која вечерва и утре ќе учествува на состанокот на лидерите посветен на Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан, чиј домаќин е Владата на Република Македонија.

„Поддршката на САД за Македонија секогаш доаѓа во реално време, за што сме многу благодарни“, рече вицепремиерот Бојан Маричиќ.

„Во пресрет на средбата на лидерите, посветена на Планот за раст на Западен Балкан, нашата земја ја има честа да ги поврзе сите учесници, делегации на земјите од регионот и со ова да ја покажеме нашата сериозна посветеност на евроатлантскиот интеграција, развој и просперитет на државата и регионот“, соопштуваат од СЕП.