15 членови на семејството на тренерот на турската Суперлига загинаа во страшен земјотрес

Техничкиот директор на Сиваспор Риза Чалимбај изјави дека во страшниот земјотрес загинале 15 членови на семејството на Ајхан Тенбелоглу, еден од помошниците тренери на турскиот клуб.

По денешните земјотреси со јачина од 7,8 и 7,5 степени според Рихтеровата скала, кои го погодија југот на Турција, а во кои досега загинаа речиси 1.500 луѓе, од час во час пристигнуваат трагични вести.

Секако, една од најтажните е што помошникот тренер на Сиваспор загуби дури 15 членови на семејството.

„Многу ни е жал за сите жртви. Наше сочувство. Прво наутро му се јавивме на нашиот тренер на голманите Џенгиз. Дознавме за нивната ситуација. Многу ни е жал за еден од помошниците тренери, Ајхан Тенбелоглу. 15 членови на неговото семејство почина. Во Сивас паѓа обилен снег и тоа ја отежнува ситуацијата. Живееме во многу тежок ден и како клуб ќе дадеме се од себе да помогнеме“, рече Чалимбај.

Според последните информации, кои ги објави Фуат Октај, потпретседателот на Турција, бројот на загинати во земјотресот се искачи на 1.541 лице, додека 9.733 лица се повредени.

Според податоците со кои располага Дирекцијата за вонредни состојби (АФАД), досега е пријавено дека се урнати 2.834 објекти.