Lufthansa ги намалува летовите до Скопје и други дестинации низ поранешна Југославија

Германскиот авиопревозник Lufthansa („Луфтханза“) од мај годинава ќе го намали бројот на летови меѓу Скопје и Франкуфурт, како и до други дестинации во регионот, поради проблеми со моторите на дел од флотата авиони „Ербас“, што влијае на нејзиниот распоред на летови на средни дестинации, објави специјализираниот веб-сајт за авијација Exyuaviation.

Компанијата соопшти дека ги откажува или намалува своите првични планови за проширување на операциите на пазарите низ поранешна Југославија.

Освен за Скопје, направени се намалувања на одредени услуги и за Белград, Љубљана, Загреб и Сараево

Авиолинијата меѓу Скопје и Франкфурт, која беше воведена минатата година, од мај ќе биде намалена на осум лета неделно наместо сегашните десет неделни ротации.

Покрај услугите на поранешните југословенски пазари, Lufthansa целосно ќе ги прекине и операциите од Франкфурт до Клуж-Напока, Темишвар, Фридрихшафен, Линц и Инсбрук, како и од Минхен до Лајпциг.

Вкупно, околу 100 неделни летови ќе бидат прекинати во летната сезона бидејќи 64 авиони во групацијата Lufthansa се погодени од проблеми со моторите од производителот „Прат и Витни“.

Од Lufthansa најавија дека во зависност од ситуацијата можни се и дополнителни промени на редот на летање.