SpaceX испрати четворица нови астронаути на Меѓународната вселенска станица

Четворица астронаути од четири земји во вселенското летало „Драгон“, сопственост на мултимилијардерот Илон Маск, полетаа денеска кон Меѓународната вселенска станица (ISS).

Леталото на компанијата на Маск „Space X“ беше лансирано од вселенската база на НАСА, Кејп Канаверал, кон ISS.

Јасмин Могбели од САД, астронаутот на Европската вселенска агенција Андреас Могенсен од Данска, Сатоши Фурукава од Јапонија и Русинот Константин Борисов полетаа во капсулата „Драгон“, која ја носи ракетата Фалкон 9.

Лансирањето, првично планирано за вчера, е одложено за денеска.

Се очекува за помалку од 24 часа леталото да слета до вселенската станица на околу 400 километри над Земјата, од каде по неколку дена ќе врати уште четворица членови на екипажот.

Ова е седма промена на екипажот на ISS од 2020 година. Новите членови ќе вршат истражување во вселената шест месеци. Астронаутите кои се враќаат се Стивен Бовен и Ворен Хобург од САД, Русинот Андреј Федјаев и Султан Ал Нејади од Обединетите Арапски Емирати. Во вселенската станица моментално се наоѓаат вкупно седум луѓе.