Албанија со најмалку автомобили по глава на жител во Европа

Податоците на Евростат покажуваат дека Албанија и Северна Македонија имаат најмалку автомобили по глава на жител на европскиот континент. Просекот во земјите-членки на ЕУ е зголемен на 0,57 автомобили по глава на жител

На секои двајца жители на Европската Унија има по еден автомобил, додека во Албанија и во Северна Македонија на секои пет жители има по еден автомобил. Албанија има најмалку патнички возила по глава на жител во Европа, од земјите за кои се достапни податоци. Ова го покажуваат податоците на европската статистичка служба Евростат кои се однесуваат за 2021 година.

Ако се анализира според тоа колку автомобили има по глава на жител, тогаш оваа стапка за Албанија е 0,21, за Северна Македонија 0,23 автомобили по жител, додека во Србија 0,33 патнички автомобили по жител. Евростат нема објавено податоци за Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Од другата страна, Лихтенштајн има најмногу автомобили по глава на жител во Европа (0,78). Потоа следуваат Исланд (0,77), Полска (0,69), Луксембург (0,68) и Финска (0,66).

Зголемување на бројот на автомобили во ЕУ

Во 2021 година, просечниот број на патнички автомобили по жител во ЕУ се зголеми од 0,53 на 0,57.

Податоците покажуваат дека западните земји на ЕУ забележале повисоки стапки на моторизација (патнички автомобили на 1.000 жители) од земјите-членки од централна и источна Европа. Сепак, на регионално ниво, имаше значителни разлики во сопственоста на автомобили во рамките на ЕУ.

Гледајќи на поширок временски хоризонт, Романија забележа највисока просечна годишна стапка на раст на патнички автомобили на 1.000 жители (стапка на моторизација) меѓу членките на ЕУ (+5,4%) за 20 години, односно од 2001 до 2021 година. По неа следи Полска со највисок просечен годишен раст (+4,5%).

На спротивниот крај на скалата, Малта и Холандија (и двете +0,9%), Шпанија (+0,8%), Франција и Италија (и двете +0,7%), Белгија и Австрија (и двете +0,5%), Германија и Луксембург (и +0,4%) и Шведска (+0,3%) беа земјите кои забележаа просечни годишни стапки на раст под 1 отсто. Генерално, балтичките, источните и централните земји на ЕУ забележаа посилен раст од западните земји на ЕУ помеѓу 2001 и 2021 година.

TRT Balkan