Американските власти презедоа низа мерки да ги заштитат депозитите на банката на Силиконската долина и другите банки

 Американските власти синоќа објавија серија мерки за да ги уверат поединците и компаниите во стабилноста на американскиот банкарски систем и рекоа дека ќе гарантираат повлекување на вкупните депозити на банката на Силиконската долина (SVB) по нејзиниот колапс.

Мерките ги презедоа министерката за финансии Џенет Јелен, Федералните резерви (ФЕД) и Агенцијата за гаранција на депозити (ФДИЦ) по консултација со американскиот претседател Џо Бајден, се наведува во соопштението.

Покрај банката на Силиконската долина (SVB), надлежните, на општо изненадување, ќе дозволат и пристап до депозитите и во Сигнејчр банката (Signature Bank) која беше затворена од регулаторното тело, се вели во соопштението.

Американската централна банка, ФЕД, исто така вети дека ќе ги позајми потребните средства на други банки кои имаат потреба да ги исполнат барањата на своите клиенти за повлекување средства.

Сите овие мерки укажуваат на турбуленциите што му се закануваат на американскиот банкарски систем, кој е нарушен поради монетарното затегнување на централната банка од страна на ФЕД. Зголемувањето на каматните стапки изврши притисок врз банките кои често даваат долгорочни заеми, но самите позајмуваат краткорочно, а каматите сега се многу повисоки од оние на долгорочните кредити.

Следеше бран повлекување пари, што оваа недела предизвика колапс на три банки: на Силиконската долина (SVB), Сигнејчр (Signature Bank) и Силвергеит (Silvergate Bank), помалку познати по своите врски со средината на криптовалутите.

Многумина изразија загриженост дека колапсот на банката на Силиконската долина (SVB) ќе го погоди не само банкарскиот сектор, туку и технолошкиот сектор и пошироко. Од таа банка рекоа дека нејзини клиенти се речиси половина од технолошките компании и компаниите со претприемнички капитал.