Саудискиот нафтен гигант Арамко оствари рекорден профит од 161 милијарда долари

Саудиската државна нафтена компанија „Арамко“ забележа рекорден профит од 161,1 милијарди долари во 2022 година, за што придонесоа големите скокови на цените на енергијата, како и зголеменото производство.

За државната компанија ова претставува раст од 46,5 отсто во однос на лани. Тоа е уште една енергетска компанија која објави рекорден профит, по скокот на цените на енергијата по сеопфатната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година.

Американски ExxonMobil заработи 55,7 милијарди долари, а британски Шел 39,9 милијарди долари.

Арамко соопшти и за дивиденда од 19,5 милијарди долари за кварталот од октомври до декември 2022 година, што ќе биде исплатена во првиот квартал од оваа година. Најголем дел од тоа ќе оди во рацете на саудиската влада, која поседува речиси 95 отсто од акциите на компанијата.

Суровата нафта Брент, референтна цена за нафтата, сега се тргува за околу 82 долари за барел, иако цените надминаа 120 долари за барел минатиот март.

„Арамко го јавна бранот високи цени на енергијата во 2022 година. Би било тешко за Арамко да не постигне добри резултати во 2022 година“, рече Роберт Могиелнички од Институтот на арапски заливски држави во Вашингтон.

– Со оглед на тоа што предвидуваме дека нафтата и гасот ќе останат клучни во догледна иднина, ризиците од недоволно инвестирање во нашата индустрија се реални, вклучително и придонес за повисоки цени на енергијата, рече претседателот и извршен директор на Арамко, Амин Насер.

Aramco, втората највредна компанија во светот, по американски Епл, е главен емитер на емисиите на стакленички гасови кои придонесуваат за климатските промени.

„Шокантно е за една компанија да оствари повеќе од 161 милијарда долари профит за една година со продажба на фосилни горива, најголемиот поединечен двигател на климатската криза“, оцени генералната секретарка на Амнести интернешенел Ањес Каламар како одговор на објавата на Арамко.

„Тоа е дотолку пошокантно бидејќи овој вишок беше акумулиран за време на глобалната криза на трошоците на животот и потпомогнат од зголемувањето на цените на енергијата како резултат на руската агресивна војна против Украина“, додаде таа.

Саудиска Арабија е најголемиот производител во нафтениот картел Организација на земјите извознички на нафта (ОПЕК).