Археолозите открија целосно зачувани раскошни мозаици во Рим

По петгодишно ископување, археолозите открија раскошна сала за банкет под ридот Палатин во Рим, која датира од првиот или од вториот век пред нашата ера, со големи недопрени ѕидни мозаици со светли бои. Се проценува дека салата е стара околу 2.300 години и е дел од поголема аристократска вила, која се наоѓа во близината на Римскиот форум, а се ископува од 2018 година, пренесува „Си-ен-ен“.
Речиси пет метри долги и со винова лоза, лисја од лотос, тризапци, труби, шлемови и митолошки морски суштества, мозаиците се направени со помош на бисери, школки, корали, парчиња обоено стакло и мермер, а биле врамени со полихромни кристали и егзотични антички египетски сини плочки.
– Она што го прави ова откритие неспоредливо не е само неверојатното зачувување на мозаикот туку и неговата декорација, која содржи и сцени од прославените поморски и копнени битки – изјави шефицата на археолошкиот парк „Колосеум“, Алфонсина Русо.
Приказите на битките на мозаикот го изненадија тимот што работеше на проектот, бидејќи беше насликан оградениот крајбрежен град со видиковци и лоѓии, за кој Русо вели дека може да биде вистинска локација. Прикажани се и сцени од бродови со кренати едра, покрај митски морски чудовишта што голтаат непријателски бродови.
Археолозите се обидуваат да утврдат дали деликатните и во тоа време скапи корални гранки потекнувале од Медитеранот или од Црвено Море, а ретко користената синкава стаклена паста, исто така пронајдена на мозаиците, најверојатно е од древниот египетски град Александрија.
– Оваа сала за банкет, која има 25 квадратни метри, е само дел од просторот во внатрешноста на „домусот“, кој е распослан на неколку ката – изјави Русо во интервју за „Си-ен-ен“.
Тој истакна дека во тој период, кога моќните благороднички семејства го населувале ридот Палатин, било вообичаено да се користат богати украсни елементи како симбол за да се покажат раскошот и високата социјална положба.