Бајден со честитка до муслиманите по повод Денот на ашурето

– Американскиот претседател Џо Бајден вчера упати честитки до муслиманите во светот по повод Денот на ашурето.

Претседател Бајден на Твитер објави дека заедно со првата дама Џил Бајден „упатуваат честитки до муслиманските пријатели и соседи низ светот кои го прославуваат Денот на ашурето и ги почитуваат вредностите на пожртвуваност, правда и еднаквост за сите“.

Муслиманите низ светот го одбележуваат Денот на ашурето кој се карактеризира со истоименото слатко јадење, а симбол е на бериќетот, заедништвото и споделувањето на нештата со другите луѓе.

Денот на ашурето се одбележува десеттиот ден од Мухарем, првиот месец од исламскиот календар, а за муслиманите има силно верско, историско и културолошко значење.

Ашуре во превод од арапски значи десерт, а всушност десеттиот ден од Мухарем е исклучително значаен во историјата на исламот и божјиот пратеник. На тој ден се случиле голем број значајни настани, вклучително и спасувањето на Ноевата арка и минувањето на Муса (Мојсеј) низ поделеното море спасувајќи се од фараонот.

Поради овие и многу други важни настани, муслиманите му придаваат важност на Денот на ашурето, кој во исто време претставува и слатко што се подготвува од повеќе видови овошје, јаткасти плодови, жита и други продукти.

Ова слатко се подготвува во знак на сеќавање на пратеникот Ноа, чија арка (брод) на денешен ден се закотвила на брегот по поплавата, според преданијата, со парови од сите животни видови на Земјата.

Слаткото ашуре се состои од седум до 77 продукти, а обичај е да се сподели со соседите и роднините.