Берлускони го нападна Зеленски, но премиерката на Италија уверува во „цврстата“ поддршка за Украина

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, чија партија Форца Италија е дел од владејачката коалиција рече дека кога би бил шеф на Владата не би се сретнал со украинскиот претседател Володомир Зеленски бидејќи тој бил виновен за војната. Италијанската премиерка Џорџа Мелони реагираше по изјавата на лидерот на коалицискиот партнер, потенцирајќи дека поддршката од Италија за Украина останува „цврста“.

Нејзината канцеларија потенцираше дека поддршката е „цврста и одлучна, како што е јасно наведено во програмата и потврдено при сите гласања на парламентарното мнозинство“.

Инаку, изјавата на лидерот на конзервативната Форца Италија следуваше откако Мелони во петокот ја обвини Франција за загрозување на единството на ЕУ со организирањето на француско-германска вечера во Париз со Зеленски, на која не беа повикани други европски сојузници.

– Никогаш не би одел да разговарам со Зеленски бидејќи сме сведоци на уништување на неговата земја и масакрот на неговите војници и цивили, изјави Берлускони по вчерашното гласање на регионалните избори во италијанската провинција Ломбардија.

Се до инвазијата на Украина, 86-годишниот политичар често се фалеше со своето пријателство со рускиот претседател Владимир Путин, а минатиот септември предизвика контроверзии велејќи дека Путин бил принуден во војна и дека сакал да постави „пристојни луѓе“ на чело на Киев.

Берлускони смета дека војната никогаш немаше да се случи доколку Зеленски запрел да ги напаѓа двете сепаратистички републики во Донбас. -Затоа, имам многу, многу негативна оценка за однесувањето на овој господин, рече Берлускони.

Берлускони, исто така, ги повика САД да извршат притисок врз Зеленски и да се заканат дека нема да испраќаат оружје во Украина и да ветат огромна програма за помош доколку Украина веднаш се согласи на прекин на огнот.

Шефот на италијанската дипломатија, Антонио Тајани, кој исто така член на Форца Италија, на Твитер напиша дека партијата „секогаш се залага за независност на Украина, и дека е на страната на Европа, НАТО и Западот“.