Бесими: Се е транспарентно со граѓанските обврзници, тие со милионски суми имаат поинтересни бизниси

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека издавањето на граѓанските обврзници е транспарентен процес од кој не очекува злоупотреби поврзани со перење пари.

-Направени се повеќе анализи. Тие кои вршат перење пари си имаат свои канали. Ова е толку транспарентно. Тие кои имаат милионски суми, имаат други поинтересни бизниси, каде што ќе заработат повеќе, рече денеска Бесими, на новинарско прашање.

Тој повтори дека процедурата за граѓански обврзници е многу едноставна и оти граѓаните  треба да се обратат во која било банка  каде имаат сметка.

– Државна обврзница, не може да пропадне. Ако на орочен депозит на две години добиваш камата да кажеме два отсто максимум, сега треба да чекаш две години за да го наплатиш. Овде можеш на Берза ако ти затреба да одиш да ги продадеш или во банка пак да ги продадеш. Плус кај граѓаните се зголемува свеста дека и сега во време на висока инфлација стануваат сѐ посвесни дека парите што им стојат дома губат вредност, додаде министерот.

Министерството за финансии вчера го објави проспектот за првата аукција на вакви обврзници, на износ од 600 милиони денари. Минималната сума која може да се запише е 10.000 денари. Купонската камата ќе изнесува пет проценти, а рочноста е две години.