Билансот на загинати во израелските напади во Газа и Западниот Брег достигна 7.814

 – Бројот на загинати од немилосрдното израелско бомбардирање на Газа и судирите на Западниот Брег од 7 октомври се искачи на 7.814, објави денес палестинската државна телевизија.

Соопштено е дека 21.693 лица се ранети во операциите на Израел „против нашиот народ“.

Додека Газа е под немилосрдни израелски воздушни напади по ненадејната офанзива на Хамас на 7 октомври, тензиите се зголемија и на окупираниот Западен Брег со јавувања за судири меѓу Палестинците и израелските војници, рациите за апсење и нападите од еврејските доселеници.

Хамас ја почна операцијата Поплава Ал-Акса – ненадеен напад од повеќе страни, кој вклучуваше и низа лансирања ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Беше наведено дека нападот е одмазда за упадите во џамијата Ал Акса и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.

Израел одговори со непрекината кампања на воздушни напади, кои се интензивираа во петокот вечерта заедно со копнените операции при целосно прекинување на телекомуникациските и интернет мрежите, кои сега постепено се обновуваат.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера рече дека копнените сили влегле низ „портите на Газа“, во „втората фаза од војната“ за да ги уништат воените и управувачките капацитети на Хамас и да ги вратат заробениците дома.